Мегафон

Северина главна ѕвезда на „Штипска пастрмајлијада 2018“

Северина главна ѕвезда на „Штипска пастрмајлијада 2018“

На 21-ви, 22-ри и 23-ти септември во Штип ќе се одржи традиционалната манифестација ,,Штипска пастрмајлијада 2018”. Најавено е учеството на повеќе музичари од земјава и регионот, помеѓу кои Влатко Стефановски, Ван Гог, Амадеус бенд, Кристина Арнаудова, Дани Димитровска, Зоран Илиев, Јоце Панов, Либеро Бенд и други. Како главна музичка ѕвезда, на 22-ри пред публиката во Штип ќе настапи хрватската пејачка Северина, чиј хонорар се чува во тајност. Она што е познато е дека општината оваа година има издвоено 2.500.000 денари за оваа манифестација.

Советникот за јавни дејности во Општина Штип, Кирил Панајотов вели дека речиси се е подготвена за 12-то издание за манифестацијата, која и годинава ќе се одржи на добро познатата локација,  кај кружниот тек кај Градскиот стадион.

На оваа локација ќе бидат поставени околу триесетина штандови од страна на угостителите, но и тезги каде што локални уметници ќе може да ги презентираат своите изработки. Утврдена е и цената на познатиот штипски гурамнски бренд. Панајотов вели дека цената е 120 денари и е иста како минатата година.

„На терен ќе има контроли, кои ќе утврдат дали угостителите отстапуваат од утврдените стандарди за подготовка на штипската пастрамајлија“, вели Панајотов.