Живот и Стил

Легенда за сината пеперутка: Оваа приказна е сè што треба да знаете за животот

Легенда за сината пеперутка: Оваа приказна е сè што треба да знаете за животот

Постои една источна легенда за човек кој ја загубил сопругата, но имал две мали ќерки.

Девојчињата биле многу љубопитни, интелигентни и секогаш желни за знаење. Тие постојано го изненадувале својот татко со разни прашања. Тој понекогаш ја споделувал својата мудрост со нив, но често му било многу тешко да пронајде вистински одговор на нивните прашања.

Гледајќи го немирот кај девојчињата, таткото одлучил да ги испрати кај мудрецот кој живеел на врвот од брдото. Мудрецот без двоумење одговарал на речиси сите прашања на сестрите, а за да проверат дали тој е навистина мудар како што се претставува, децата одлучиле да му постават замка.

Една ноќ, тие смислиле подмолен план: да му постават на мудрецот прашање на кое тој нема да има одговор.

„Како можеме да го надмудриме мудрецот? Што да го прашаме за да нема одговор на прашањето?“, прашала помладата сестра.

„Почекај овде, сега ќе ти покажам“, ѝ кажала постарата сестра. Таа отишла во шумата и се вратила еден час подоцна, држејќи во раката торбичка во која криела нешто.

„Што има внатре?“, ја прашала помалата сестра, а таа ја вовлекла раката во торбичката и од неа извадила прекрасна сина пеперутка.
„Колку е прекрасна! Но, што ќе правиме со неа?“.

„Пеперутката ќе нѝ помогне да го извршиме својот план. Ќе отидеме кај мудрецот, а јас ќе ја кријам пеперутката во рака. Ќе го прашаме дали пеперутката е сè уште жива. Ако одговори дека е жива, ќе ја стиснам раката и ќе ја убијам, а ако каже дека е мртва, ќе ја ослободам. Со тоа, неговиот одговор во секој случај ќе биде погрешен“, кажала постарата сестра.

Девојчињата отишле кај мудрецот и го прашале:

„Мудар старецу, можеш ли да нѝ кажеш дали оваа пеперутка во мојата рака е сè уште жива?“.

Старецот само се насмевнал и рекол: „Тоа зависи од тебе. Нејзината судбина е во твои раце“.

***

Нашата сегашност и иднина зависат само од нас. Кога нешто ќе тргне на лошо во нашите животи, не треба да ги обвинуваме другите луѓе за тоа. Сината пеперутка е нашиот живот. И сами одлучуваме што ќе биде со неа.

извор:точка.ком.мк